Оваа година нема да се одржи Охридскиот пливачки маратон

 Оваа година нема да се одржи Охридскиот пливачки маратон кој традиционално се одржува под високо покровителство на Претседателот на Република Македонија.Одлуката на претседателот Стево Пендаровски денеска му ја соопштил Горан Стојаноски, претседател на Националната пливачка федерација на Република Македонија.– Тој ги образложи причините поради кои е донесена таа одлука, а се поврзани со блокираната сметка на федерацијата и финансиското работење на претходното раководство, објави претседателот Пендаровски на неговиот профил на Facebook.Кои и да се причините, она што е совршено јасно за охриѓани е дека Охрид, долгогодишната традиција и значењето на Охридскиот пливачки маратон воопшто не заслужуваат ваков третман.Охридскиот пливачки маратон, кој преставува еден од спортските амбасадори на Охрид и Република Макеоднија има навистина долга и богата традиција. Првата маратонска трка се одржа во далечната 1954 година, а првиот Охридски пливачки маратон во 1962-та, кога на 5-ти август се пливаше Првиот светски шампионат во маратонско пливање на слатки води, кој прерасна во една од најголемите спортски манифестации од таков вид во Република Македонија. Меѓу професионалците победи Абдел Абу Хеиф од Обединатата Арапска Република, а меѓу аматерите неговиот сонародник Небил Шазди. Во женска конкуренција победи охриѓанката Атина Бојаџи. Во професионалната трка од македонските пливачи голем успех постигна Дики Бојаџи (трето место) и Климе Савин кај аматерите, кој го освои четвртото место.– Во 1960 година на маратонот во Капри, каде што Дики Бојаџи беше прв, присуствуваше и шеикот од Кувајт, Ел Габар ел Сабах. Цели четири години потоа шеикот доаѓаше во Охрид со голема придружба и беше главен мецена, делејќи во тоа време 1.000 фунти за првите тројца маратонци, изјави своевремено за DW долгогодишниот тренер, некогашен пливач и организатор, легендарниот Александар Леко Радиќ.Постарите се сеќаваат дека тогаш маратонот го следеле, во денешно време неверојатни, 40 до 50.000 гледачи. Првите години се пливаше на релација Пештани-Струга-Охрид во должина од 35 километри. Стартот од Св. Наум беше воведен по возобновувањето на маратонот на почетокот на деведесеттите години од минатиот век.Како трка е дел од Гран при серијата на ФИНА, а често бодовите освоени во Охрид беа одлучувачки за конечниот ранг на светската листа на марaтонско пливање. Но, последниве години, вклучувајќи ја и оваа, под знак прашање се доведуваше неговото одржување. Самата традиција и значењето на Охридскиот пливачки маратон воопшто не го заслужува ваквиот третман.Шеици и круинисани глави некогаш доаѓале да го гледаат овој спортски настан, за потоа да дочекаме да се случуваат и бисери како „заборавање да се пријави“, „собирање пари од по дома за да се доделат наградите“ и сл. Колку пропуштаме зборува и фактот што во 2015 година, Охридскиот пливачки маратон се најде меѓу десетте причини да се посети Македонија на популарната интернет-страницата „Хафингтон пост“.Охрид му треба на Охридскиот пливачки маратон, но уште повеќе маратонот му треба на Охрид за да го прати гласот за неговите убавини надалеку низ светот. Крајно време е да се собере екипа на сериозни луѓе кои го вложиле целиот свој интелектуален и животен капацитет во пливањето, да се обезбеди поддршка од државата и поголемите спонзори и конечно, сите заедно, да му го вратиме сјајот на маратонот, истиот оној кој го имаше и кој го заслужува.


Comments